На Универзитетот во Тетово започнаа Четвртата меѓународна научна конференција на Факултетот за применети науки и Втората меѓународна научна конференција на Факултетот за природно-математички науки. На свеченото отворање присуствуваше и нобеловецот и лауреатот на називот Doctor Honoris Causa на Универзитетот во Тетово (2012 г.), г. Ферид Мурад.
На свеченото отворање присуствуваше и Ректорот на Универзитетот во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети. Тој истакна дека овие две конференции имаат уште поголема научна вредност, бидејќи со неговото учество нѐ почести еден од најзначајните личности од областа на медицината и на фармакологијата, чие потекло е од нашата земја, а тоа е нобеловецот, проф. д-р Ферид Мурад. „Денеска сме почестени со Вашето присуство на нашиот Универзитет и горди сме што Вашето име е дел од најистакнатите и најдобрите научници на светско ниво. Постигнувањата и успехот на нобеловецот, проф. д-р Ферид Мурад, неговиот придонес, научно-истражувачката работа, стручната, апликативна дејност, истражувачката работа и научните откритија од областа на медицинските науки и другите многубројни успеси се гордост на академскиот кадар, на светската јавност, но и на сите нас, кои се гордееме со неговото албанско потекло“ – истакна проф. д-р Вулнет Амети.
На научниците им се обрати и албанскиот нобеловец, Ферид Мурад. Тој посочи дека истражувањата и истражувачката работа не треба никогаш да престанат, бидејќи на крајот на секоја работа произлегува некој успех. „Кога го завршив колеџот на Универзитетот во Кливленд, заедно со мојот ментор започнав еден проект во секторот на фармакологијата. Проектот беше за пронаоѓање формула за поттикнување на варењето на гликозата во црниот дроб. Проектот траеше цели 7 години. Во мое време, овој вид на истражување не беше многу познат, но јас дознав дека е многу значаен. Истражувањето беше напорно, но истовремено и многу интересно. Од ова истражување го открив преносителот на азотен оксид. Многу лекови се создадени со употребата на азотниот оксид. Овој хемиски елемент може да се употреби и за кардиоваскуларните болести. На почетокот на моите истражувања сите мислеа дека мојот напор не вреди, но времето го покажа спротивното, јас постигнав голем успех. Ви посакувам и вам да ви се случи истото“ – рече нобеловецот, проф. д-р Ферид Мурад.
Во знак на благодарност за придонесот во областа на медицината и во подигнувањето на албанското име во светот, Ректорот на Универзитетот во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети, на г. Ферид Мурад му додели подарок со портретот на првиот Ректор на УТ, проф. д-р Фадиљ Сулејмани. Ваков подарок, со истиот портрет, Ректорот на УТ му додели и на г. Бруно Цека, Претседател на Албанскиот комитет во Тексас.
Ректорот на Универзитетот во Тетово по повод организирањето на овие конференции ги пофали и раководителите на Факултетите за организацијата на вакви научни настани, кои ја подигнуваат комуникацијата меѓу научниците, академските заедници и др. „Во својство на Ректор на Универзитетот во Тетово и како наставник го ценам вашиот труд за развојот на научните вредности и го поддржувам фактот дека културата, едуцирањето и научните истражувања постојано нѐ зближуваат со цивилизираниот свет. Главна улога за негувањето и развојот на овие вредности ја има образованието, затоа ние како раководители на овој универзитет, заедно со академската заедница, центрите и со соодветните оддели се обидуваме да ги извршуваме нашите обврски на најдобар можен начин. Денес земјите во регионот и пошироко, преку универзитетите, придонесуваат во соработката и меѓусебната интеграција. Нашиот пристап во научното истражување е многу сериозен, затоа им даваме предност на стручните студии за да придонесеме во областа на знаењето и економскиот развој на општеството. Денешните, претходните и идните конференции имаат голема научна вредност за учесниците, научниците од регионот и пошироко, го поддржуваат квалитетот на истражувањата и се одлична можност за обезбедување кворум на научници од одредени области“ – истакна Ректорот, проф. д-р Вулнет Амети.
Деканот на Факултетот за природно-математички науки на УТ, проф. д-р Фаузи Скендери, посочи дека на Втората научна конференција учествуваат претставници од сите студиски програми, со вкупно 89 трудови, во 7 посебни сесии, по области, како: Биологија, Информатика, Хемија, Екологија, Географија, Математика и Физика. „Оваа конференција е одлична можност да се зајакне меѓусебната соработка на научно-истражувачките активности на научниците на нашиот факултет и на научниците од регионот и пошироко. Целта на Конференцијата е поттикнување и поддршка на соработката меѓу истражувачите, поттикнување на студентите за стекнување нови знаења, како и соочување со предизвиците на природните науки“ – рече проф. д-р Фаузи Скендери.
Деканот на Факултетот за применети науки на УТ, проф. д-р Ндерим Зеќири, посочи дека организирањето на Меѓународната конференција по четврти пат претставува можност за подигнување на нивото на соработка меѓу Универзитетите. „На Конференцијата им се овозможува на истражувачите да ги изложат своите погледи за разни научни проблеми. Целта на Конференцијата е создавање мостови за комуникација и претставување на различни мислења и ставови преку научни трудови. Системот на споредување, разните аргументи се поттик за наоѓање нови модели кои ќе се применуваат во разни области“ – рече проф. д-р Ндерим Зеќири.
На овие конференции се промовираа и броевите 3 и 4 на Списанието на Факултетот за природно-математички науки и броевите 5 и 6 на Списанието на Факултетот за применети науки JAS SUT (Journal of Applied Sciences –SUT).
На крајот на свеченото отворање на конференциите, Продеканот за наука при Факултетот за природно – математички науки, доц. д-р Арианит Река, одржа предавање на тема „Употребата на хидротермална за придобивка на порозна керамика“.