Во амфитеатарот на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Тетово, на 18.5.2026 г. се одржаа предавања за значењето на фолклорот и на собирачката активност, од страна на проф. д-р Ана Витанова-Рингачева од Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, од м-р Сузана Мицева и од Иван Котев. Настанот беше организиран од страна на професорскиот кадар од Студиската програма за македонски јазик и книжевност, а присуствуваа деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Емине Шабани, продеканот за настава, доц. д-р Дефрим Салиу, продеканката за наука, проф. д-р Хана Дардишта, универзитетски професори, студенти, како и професори, наставници и ученици од средните и од основните училишта од Тетово. На почетокот, на присутните им се обратија деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Емине Шабани, и раководителката на Студиската програма за македонски јазик и книжевност, проф. д-р Марина Даниловска, а потоа проф. д-р Ана Витанова-Рингачева зборуваше за македонската народна традиција во современ контекст, отворајќи значајни прашања за местото и улогата на фолклорот. За собирачката дејност и за богатството на народното творештво говореше Иван Котев. Присутните имаа можност да се запознаат со неговата пребогата архива, која содржи многу народни приказни, песни, обреди, верувања, легенди, преданија и кажувања од Струмичкиот Регион. Во завршното излагање, м-р Сузана Мицева го истакна значењето на детскиот фолклор, на неговата огромна важност за развојот на децата и на нивната љубов кон пишаниот збор.






