На ден 27.11.2024 г. на Филолошкиот факултет при Универзитет во Тетово беше промовирана книгата „Македонска граматика што зближува (Gramatika maqedonase qё afron) – прв дел (pjesa e pare)“ од авторките Цутка Јовановска, Марина Спасовска и Марина Даниловска, со превод од македонски на албански јазик од Нертиља Рамадани.
На промоцијата присуствуваа и ректорот на Универзитетот во Тетово – проф. д-р Јусуф Зејнели, проректорот за наука на УТ – проф. д-р Вулнет Амети, деканот на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Тетово – проф. д-р Бертон Сулејмани, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Скопје – проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, продекани, универзитетски професори од Универзитетот во Тетово, универзитетски професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, научни соработници и професори од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Скопје, професори од средните училишта, наставници, студенти и многу други кои покажаа интерес за објавениот универзитетски учебник и почит на авторките и на Универзитетот.
Оваа публикација претставува ретко учебно помагало наменето за студентите, за учениците кои го изучуваат македонскиот јазик како немајчин, за наставниците и за професорите, но и за сите останати корисници кои сакаат да ги усвојат фонетско-фонолошките и морфолошките норми на македонскиот јазик. Таа е резултат на долгогодишната (речиси дводецениска) работа на авторките со студентите од сите факултети и студиски програми при УТ, кои го изучуваат современиот македонски јазик
При конципирањето на ова учебно градиво се применети методолошките принципи на системност, последователност, практичност, јасност, концизност, едноставност и ефикасност. Посебен фокус при обработката е ставен на стилот, поради постигнување на основната цел – да најде ефикасна примена при изучување на македонскиот јазик од страна на целната група корисници. Граматиката се состои од два дела: во првиот се сработени наставни единици од областа фонетика и фонологија, а во вториот од областа на морфологијата. Секоја методска единица е обработена со едноставен стил, наменет за целната група корисници. Методските единици се дополнети со креативни примери, вежби и речници. Дел од теоретските дефиниции, начините на образување на некои зборовни групи и сл. се преведени на албански јазик, така што на тој начин полесно се разбира нивната содржина.
Примената на поголемиот дел од содржините е веќе потврдена од страна на авторките, при нивната долгогодишна работа со студентите, така што увереноста од ефикасноста на овој учебник е на високо ниво.
На промоцијата на книгата „Македонска граматика што зближува (Gramatika maqedonase qё afron) – прв дел (pjesa e pare) “ се обратија и рецензентите проф. д-р Бертон Сулејмани – декан на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Тетово, проф. д-р Веселинка Лаброска – научен советник/редовен професор во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, дописен член на МАНУ и редовен професор на Студиската програма за македонски јазик на Филолошкиот факултет при Универзитет во Тетово и проф. д-р Стојка Бојковска – редовен професор во пензија од Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје; Студиска програма за македонски јазик,
Филолошки факултет, Универзитет во Тетово.
Промоцијата беше обогатена и со креативно катче со вклученост на студентите, имајќи го предвид фактот дека учебникот првенствено е наменет токму за нив.
Авторките ја завршија промоцијата со истакнување дека книгата е обострано корисна – на авторите им дава чувство на восклик, а на читателите можност за спознание, при што ветија дека с‡ додека има желни за спознание, тие ќе продолжат да творат и дека се работи и на вториот дел од учебникот.