Во чест на 7 април, Светскиот ден на здравјето, Факултетот за медицински науки на Универзитетот во Тетово во соработка со Студентскиот парламент и Научниот тим на студенти ги започна активностите за одбележување на овој ден.
Тие во рамките на кампањата за информирање на јавноста, односно на општеството за важноста за зачувување на здравјето, воопшто, денес организираа марш под мотото „маршираме за здравје“. Маршот започна од просториите на Ректоратот на Универзитетот во Тетово, а заврши на плоштадот „Илирија“, во центарот на градот. Преку овој марш, студентите сакаа да испратат порака да има здравје и здравствени услуги насекаде и за сите.
Координаторката на оваа активност, доц. д-р Арбреша Беџети-Ферати соопшти дека научниот тим на Факултетот за медицински науки заедно со Студентскиот парламент, како и секоја година така и годинава, им се придружија на активностите на Светската здравствена организација за одбележување на овој ден. „Како секоја здравствена институција така и Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово заедно со научниот тим и со Студентскиот парламент се придружија на активностите на Светската здравствена организација за одбележување на 7 април, Светскиот ден на здравјето, датум на кој е формирана и Светската здравствена организација. Мотото на оваа организација за оваа година е „здравје за сите“ и мислиме дека е добро да започнеме кампања за подигнување на свеста кај луѓето за здравјето. Ние сме се обиделе да ги примениме сите препораки од Светската здравствена организација, затоа денес марширавме сите заедно“ – истакна доц. д-р Арбреша Беџети-Ферати.
На 7 април, Светскиот ден на здравјето, се одбележува и денот на основање на Светската здравствена организација, која е основана на 7 април 1948 г., од страна на Обединетите нации, и оттогаш до денес, околу 193 земји се членки на оваа организација.