На ден 28.4.2025 г., на Универзитетот во Тетово се одржа шестата по ред Македонстичка вечер, во организација на студентите и на професорскиот кадар од Студиската програма за македонски јазик и книжевност од Филолошкиот факултет. Мотото на овогодишната манифестација беше 80 ГОДИНИ ОД КОДИФИКАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ СТАНДАРДЕН ЈАЗИК, но се одбележаа и други важни настани поврзани со неколку стожерни фигури од македонската книжевна и јазична, но и културна историја во целина, како: 180 г. од смртта на Кирил Пејчиновиќ, 150 г. од раѓањето на Војдан Чернодрински, 25 г. од смртта на Славко Јаневски и 15 години од смртта на Гане Тодоровски, но и 60 г. од раѓањето на нашата прерано почината професорка, Убавка Гајдова.

Иако се работи за една скромна манифестација, сепак генерациите студенти на Студиската програма за македонски јазик и книжевност со голема љубов и посветеност ја подготвуваат. На оваа манифестација студентите имаа можност целосно да ја искажат својата креативност, и тоа не само како изведувачи туку и како автори, поети и писатели кои полека, но многу успешно ги прават своите први чекори на книжевен план. Во рамките на Македонистичката вечер проф. д-р Лилјана Гушевска имаше пригодно излагање посветено на јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Но со убавите стихови одат и убави песни, па затоа вечерта беше збогатена со прекрасни песни во изведба на гостите од Акустик дуо и од студентите од Студиската програма за македонски јазик и книжевност.

На годинешната Македонистичка вечер присуствуваа многу гости, декани, продекани и професори од Универзитетот во Тетово, претставници од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје, од Меѓународниот универзитет „Визион“ од Гостивар, од НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје, професори и ученици од средните и основните училишта од Тетово, но и многу други пријатели и поддржувачи на оваа манифестација.

Македонистичката вечер беше заокружена со пригоден коктел во холот на Универзитетот.