//Денес на универзитетот во тетово се промовираа апсолвентите од генерацијата 2017/2018 г.

Денес на универзитетот во тетово се промовираа апсолвентите од генерацијата 2017/2018 г.

2018-07-05T11:21:04+00:00 Јуни 04, 2018|

Денес, Универзитетот во Тетово ја организира Церемонијата на фрлање капи за апсолвентите од генерацијата 2017/2018 г.
Околу илјада апсолвенти на овој универзитет, денес, пред нивните родители, пријатели, колеги и професори го прославија крајот на првиот циклус на студиите.
Церемонијата ја отвори Проректорот за наука на Универзитетот во Тетово, проф. д-р Арбер Челику. Тој пред апсолвентите соопшти дека е големо задоволствоto да ги гледаш студентите додека го прославуваат овој ден, за разлика од претходните генерации, кои ја немаа оваа можност заради политичките турбуленции.
„Тешките услови, студиите во капсула, без ниту еден излез во европските универзитети, се нашето минато кое вие го немате поминато, бидејќи вашата генерација е соработник во изградбата на овој универзитет. Вие сте имале прекрасни инфраструктурни услови, имавте слобода на вашиот збор, професорите ви биле како ваши родители, а најважно од сѐ, вие ја имате можноста која нам ни беше одземена, вие го прославувате денот на дипломирањето пред вашите родители, пријатели и професори, заедно со Ректорот и со важни имиња од политичкиот и од јавниот живот.“ – истакна проф. д-р Арбер Челику.
На церемонијата на дипломирањето беше присутен и Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Талат Џафери, кој изјави; „Драги апсолвенти, овој ден е голем ден за вас, па затоа сме собрани сите заедно во спомен на вашите денови исполнети со обврски, поврзани со студиите. Верувам дека денес вие сте свесни дека не е крајот на вашето ангажирање и унапредување, туку, токму денес почнуваат вистинските обврски, предизвици и стручното усовршување за секој од вас. Бидете сигурни дека од денес започнува периодот кога вие ќе треба да сте ефективни во вашата работа и дека во иднина ќе треба да го споделите сето тоа што сте го научиле со другите. Ви посакувам многу успеси, многу здравје и радост во вашите семејства и емоционален мир, кој ќе ви овозможи полесно да ги извршувате вашите обврски кои ве очекуваат во животот.“ – изјави г. Талат Џафери, Претседател на Владата на Република Македонија.
Министерот за образование и наука, г. Арбер Адеми, вети дека овој универзитет нема да биде заборавен од државата, сѐ додека тој е министер за образование и наука и дека гордоста на Албанците ќе расте заедно со овој универзитет. „Сакам да ви честитам за формализирањето на наставниот процес во еден од најмодерните универзитети во земјата и во регионот, во кој се одржува настава веќе полни 23 години. Секој од вас ќе дипломира и тоа е доказ за тоа што сте го научиле, а јас сум сигурен дека многу бргу ќе ви се овозможи да го примените вашето знаење на адекватно работно место, со солидни материјални придобивки. Немам никакво сомневање за вашите вредности и знаења, стекнати на Универзитетот во Тетово. Ви честитам за вашите досегашни успеси и ве советувам да не се откажувате од желбата за знаење!“ – посочи г. Арбер Адеми, Министер за образование и наука во Република Македонија.
Во име на апсолвентите зборуваше и Претседателката на студентскиот парламент, Доника Камбери. „Почитувани апсолвенти, драги родители, колеги и добронамерници на Универзитетот. Има голема разлика меѓу реалното и нереалното, меѓу постоечкото и непостоечкото, меѓу вистината и лагата. Универзитетот во Тетово е институција со уникатна содржина и пред сѐ вистинита. Како што сте денес свртени кон Универзитетот така треба и во иднина да се свртите кон него, независно каде ќе ве однесе судбината. Треба да придонесуваме за овој универзитет, макар и со еден добар збор, добро дело, конструктивна критика или добар совет. А пред сѐ, сите ние треба достоинствено да го штитиме овој универзитет. И покрај сите невремиња што го погодиле Универзитетот во Тетово, сепак, цврстата желба на интелектуалците, кои денес стојат зад мене, беше поцврста од сѐ. Оваа нивна визија треба да се проектира кај сите нас и не треба да бидеме жртви на секакви девијации. Без оглед дали ова за некого од вас звучи како клише, но вие никогаш нема да бидете успешни, сè додека не се надминете себеси, сè додека не дадете сѐ од себе, без да размислувате дали тоа ќе ви се исплати или не. Сочувството и добрината се најважните нешта за вашата емоционална интелигенција, која се состои во тоа, без многу размислување, да им дадеш на луѓето од твојот успех. Мислам дека сите ќе се согласите со мене ако кажам дека вредноста на универзитетите е еднаква за сите. Универзитетот во Тетово ги унапредува сите национални и регионални процеси, тој е гласот на нашата свест, моќта на промените, ничија играчка, а сечија надеж. Добрина без крај, по чија потрага одиме сите исто како што одиме по трагите на знаењето и науката. Денес, особено сум пресреќна што можам да говорам слободно на мојот мајчин јазик, нешто што пред две децении беше недозволено, бидејќи наставата на албански јазик беше забранета, а денес имаме закон кој го брани нашиот јазик и наставата на албански јазик. На крајот ви посакувам среќно дипломирање! Но, ако мислите дека вашиот успех завршува овде, грешите! Ми се чини дека ние сме најсреќната генерација во нашето општество. Вие ќе прашате: Зошто? Имаме среќа, бидејќи наскоро Македонија ќе биде член на Европската Унија и на Евроатлантските структури и нема да сме определени според националноста, туку ќе станеме европски граѓани како и што заслужуваме да бидеме – дел од мозаикот на сите луѓе од овој континент. На крајот, сакам да ви поставам едно прашање за коешто очекувам да имам одговор од сите вас, но бидејќи тоа е невозможно, имајќи предвид дека овде сте околу илјада студенти, сакам ова мое прашање да ве следи на секој чекор од вашиот живот, како што ме следи мене. Драги колеги, апсолвенти, немојте да се прашувате што направил овој универзитет за вас или што сѐ уште може да направи, бидејќи овој универзитет има направено многу. Но, прашувајте се себеси, што можете Вие да направите за Универзитетот и доколку не можете да направите ништо, барем немојте да му наштетите.“ – рече Доника Камбери.
На апсолвентите им се доделија сертификати од страна на Ректорот на УТ, проф. д-р Вулнет Амети, кој соопшти дека со голем вложен труд, стигнавме до овој ден, на промовирањето на апсолвентите од генерацијата 2017/18 г. и дека успешно ја финализиравме нашата работа и труд, врз наставата, образованието и научните истражувања. „Во оваа академска година, на сите факултети и студиски програми, завршија голем број студенти, па затоа дозволете ми во мое име да им се заблагодарам на академскиот кадар, професорите и асистентите, кои придонесуваат за вашиот успех, и во усовршувањето на новите кадри, во различни области на образованието и науката. Денес, со главата горе го завршуваме ова наше патување, коешто почна пред неколку години и не беше воопшто лесно, туку исполнето со предизвици за сите нас. Но, имавме среќа да работиме на овој универзитет – Универзитетот во Тетово. Ние, во очите на нашите студенти ја гледаме визијата за иднината и сето ова не поттикнува да продолжиме напред и со сите капацитети да работиме за овој Универзитет, за овој храм на знаењето.“ – истакна Ректорот, проф. д-р Вулнет Амети.
Тој, исто така, рече дека дипломирањето на нашите апсолвенти е голем настан, и доказ за релевантен прогрес, направен во нашата установа; доказ за голем сериозен труд за образованието и научните истражувања. „Драги апсолвенти, Вие, како и многу генерации пред вас, одлучивте вашите студии да ги завршите на Универзитетот во Тетово, успешно го следевте патот кон знаењето за да постигнете капацитети со кои ќе придонесете за општеството, државните и приватните институции. Пред вас е нов период на животот. Со добивањето на универзитетската диплома ќе имате можност да работите во вашата избрана професија. Во својство на Ректор на Универзитетот во Тетово, ви кажувам дека сум убеден во вашите капацитети и знаења за вашите идни професии. Некои од вас ќе продолжат на втор и на трет циклус на студии и меѓу нив веќе гледаме идни професори на овој универзитет, со кои ќе продолжи традицијата на успесите на актуелниот академски кадар на Универзитетот. Ви благодариме на сите вас за овие убави години поминати заедно, и сакам да ве уверам дека исто како вие и вашите роднини кои се жртвувавте за овој универзитет, и ние ја чувствуваме истата радост и среќа додека вие го прославувате овој голем ден за вас. Во мое име и во име на Универзитетот во Тетово, ви честитам на вас и на вашите родители и роднини, кои денес нè почестија со нивното присуство, па затоа да му се радуваме на овој голем ден на успешното завршување на студиите на нивните најдраги.“ – соопшти Ректорот на Универзитетот во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети.
Церемонијата на фрлање капи заврши со богата уметничка програма, односно со настапите на универзитетските професори Бајрамали Идризи и Селами Колоња и на тетовскиот пејач Шпат Касапи.