Студиската програма за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет, при Универзитет во Тетово, на 9 април 2025 г., во 12 часот, организираше еднодневна работилница, којашто имаше за цел да им помогне на матурантите полесно да го положат задолжителниот испит по предметот Македонски јазик и литература.
Изненади големиот интерес од страна на матурантите од сите средни училишта од Тетово. Тие имаа можност да се запознаат со просторните капацитети на УТ и со активностите на наставниот кадар на Студиската програма за македонски јазик и книжевност.
Работилницата по предметот Македонски јазик и литература беше организирана од страна на професорите од оваа студиска програма. Проф. д-р Веселинка Лаброска, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, проф. д-р Марина Спасовска, проф. д-р Лилјана Гушевска, проф. д-р Марина Даниловска, како и м-р Анета Ацоска, професорка по предметот Македонски јазик и литература во Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, имаа подготвено интерактивни вежби од областа јазик, посочија на што треба да се обрне посебно внимание при решавањето на тестот, а дадоа и инструкции и насоки за пишување на задолжителниот есеј. Беа засегнати клучните аспекти коишто им се потребни на матурантите за успешно надминување на предизвиците со кои се соочуваат при полагањето на државната матура.
Организирањето на оваа работилница прерасна во традиција, а оваа година таа е застапена и во рамките на годишната Програма за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.