//На Универзитетот во Тетово се одбележа Светскиот ден на книгата

На Универзитетот во Тетово се одбележа Светскиот ден на книгата

2018-07-05T11:13:34+00:00 Април 23, 2018|
Студентскиот парламент на Универзитетот во Тетово, во соработка со студентите и со професорите од Катедрата за албански јазик и книжевност, на Универзитетот во Тетово, го одбележаа 23 Април, Светскиот ден на книгата. По повод овој ден, од страна на Ректорот на УТ, проф. д-р Вулнет Амети, и претседателката на Студентскиот парламент, Доника Камбери, се поставија куќичките со книги во кампусот на Универзитетот. Потоа се промовираше списанието „Përtej“, подготвено од студентите од Студиската програма за албански јазик и книжевност од Филолошкиот факултет.
На присутните им се обрати и претседателката на Студентскиот парламент, Доника Камбери, која соопшти дека Студентскиот парламент им посветува големо внимание на сите активности. „Светскиот ден на книгата нè прави посвесни за важноста на книгата како главен инструмент кој го променил светот. Студентскиот парламент во календарот на активностите ги одбележува важните датуми и го потврдува ангажирањето за подигнување на есенцијалните вредности без кои животот би бил многу празен. Денес, со оваа активност, ги помниме сите оние кои со знаење ни го осветлија нашиот живот.“ – рече Доника Камбери, претседателка на Студентскиот парламент.
Раководителот на Студиската програма за албански јазик и книжевност, доц. д-р Бертон Сулејмани, рече дека оваа катедра освен активностите што ги реализира, а меѓу нив е и списанието „Përtej“, сега веќе со поддршка на Ректорот, проф. д-р Вулнет Амети, презема иницијатива албанскиот јазик да биде задолжителен на сите факултети на Универзитетот во Тетово. „Првото издание на списанието „Përtej“ беше во 2013 година. Главни уреднички беа Аљбулена Зулбеари и Лугина Ајро. Ова списание ги содржи трудовите на студентите, но и на професорите од оваа катедра. Секоја година се објавува по еден број, но во 2016 г. студентите од Катедрата за албански јазик и книжевност, во соработка со доц. д-р Салајдин Салихи објавија две изданија на ова списание и ја надоместија и 2015 година во која не беше објавен ниту еден број.“ – соопшти доц. д-р Бертон Сулејмани.
И уредничката Калтрина Садики зборуваше за списанието и рече: „Списанието „Përtej“ е нешто повеќе од обичните списанија. Во ова списание има уметност, поезија, фотографија, јазик… Овој број е продолжение на другите изданија. Списанието е поделено на некои рубрики, кои се надевам дека со текот на времето ќе бидат уште подобри и секој студент ќе може да се изрази на нивните страници, во областите каде што е најдобар.“
Списанието „Përtej“ ги содржи рубриките за идеална библиотека, имагологија, „Како нè гледаат другите“, рубриката „Албанскиот збор наместо туѓиот збор“ и др. Оваа средба беше збогатена и со една песна од студентката од Студиската програма за албански јазик и книжевност, Мелек Сулејмани, како и со интерпретација со виолина од студентката на Катедрата за музичка уметност, Зана Зумери.