На ден 2.11.2026 г. (понеделник), во 12:00 часот, во амфитеатарот на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Тетово се одржаа предавања посветени на јазичната, книжевната и културната поврзаност помеѓу македонскиот и хрватскиот народ. Настанот беше организиран од страна на професорскиот кадар од Студиската програма за македонски јазик и книжевност. На почетокот, на присутните им се обратија деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Емине Шабани, и раководителката на Студиската програма за македонски јазик и книжевност, проф. д-р Марина Даниловска, а потоа свое обраќање во вид на предавање имаа: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ – Средновековната Александрида и нејзината традиција во хрватската и во јужнословенската белетристика; проф. д-р Лилјана Гушевска – Јазикот и идентитетот: хрватско-македонски паралели (XIX ‒ почеток на XX век); проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска – Канонот Рацин; проф. д-р Веселинка Лаброска – Хрватско-македонски речник; проф. д-р Марина Спасовска и проф. д-р Марина Даниловска – За едно ретко културно богатство од Долни Полог (Поселје). М-р Марко Видачек читаше стихови од поезијата на Рацин. На настанот присуствуваа претставници од Македонско-хрватското друштво од Тетово, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и од Институтот за македонска литература од Скопје, од Меѓународниот универзитет Визион од Гостивар, професори и ученици од основните и од средните училишта од Тетово и од околината, претставници од Државниот архив на Република Северна Македонија (од одделението во Тетово), од Музејот на град Тетово, како и многу други гости.






