Денес на Универзитетот во Тетово се промовираше книгата „Македонски мултиетнички јазли – битка за едно или две општества“од авторот проф. д-р Петар Атанасов, заменик-министер за образование и наука во Република Македонија. Оваа книга е резултат на долгогодишната истражувачка работа во областа на социологијата, етницитетот, етничките групи и мултикултурните модели на коегзистенција, во најголем дел за случаите во Република Македонија.
Проректорот за меѓународна соработка на Универзитетот во Тетово, проф. д-рАрбер Челику, соопшти дека темата на книгата е многу актуелна бидејќи Македонија е мултиетничка земја. „Во нашата земја Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите со векови живееле заедно. Тие зборуваат различни јазици, а можеби имаме и некои разлики во културите, но во суштина споделуваме ист корпус на човечки вредности, кои, во денешниве околности на историски пресврти, за сите нас може да ги авансираме во големата алијанса на цивилизацијата,науката, љубовта, мирот и толеранцијата, кое се назива западно општество“ – соопшти проф. д-р Арбер Челику.
Авторот на книгата, проф. д-р Петар Атанасов соопшти дека целта на оваа книга е да се оживеатаргументитево врска со македонскиот пример на мултикултурализмот.„Во таа насока е направен избор на објавени трудови во минатата декада, поврзани со клучните елементи на моделот со нагласување на тешкотиите и евентуалните решенија за иднината на општеството. Овие трудови детално опишуваат што се случуваше по Охридскиот договор, проблеми поврзани со мултиетничкиот македонски модел, со факторите кои влијаат врз дезинтегрирањето на општеството, односите со податоци за припадноста на националниот и културниот идентитет, за можностите да се гради мултиетничка демократија во Македонија“ – соопшти авторот проф. д-р Петар Атанасов.
За книгата зборуваа и нејзините промотори, проф. д-р Ѓилимсере Касапи и проф. д-р Рубин Земан. Тие соопштија дека книгата се објавува токму во времето кога во Собранието на Република Македонија се разгледуваат некои од овие прашања, особено дебати за употребата на јазикот на заедниците. Книгата „Македонски мултиетнички јазли – битка за едно или две општества“ е објавена на македонски, албански и на англиски јазик.