//Женскиот одбојкарски клуб „Универзитет во Тетово“ одбележa успех во домашната одбојка

Женскиот одбојкарски клуб „Универзитет во Тетово“ одбележa успех во домашната одбојка

2018-06-26T14:09:32+00:00 Мај 03, 2018|
Женскиот одбојкарски клуб „Универзитет во Тетово“ одбележа врвни резултати на Републичкиот шампионат во одбојка за жени. Со добрата игра во натпреварите, одбојкарскиот клуб „Универзитет во Тетово“ стигна до финалето на Купот на Македонија, каде што како последица на повредата на некои од истакнатите одбојкарки, изгуби од ОК Куманово, со резултат 3:1 во сетови.
Менаџерката на ОК „Универзитет во Тетово“, Лаурета Абази, изјави дека во сите натпревари нејзиниот тим беше во многу добра форма, но во финалето ОК „Универзитет во Тетово“ се соочи со проблеми – една од најдобрите одбојкарки, Рона Јонузи, не можеше да учествува бидејќи се повреди во полуфиналето. „Во битката за трофејот на Купот на Македонија, во четвртфиналето ОК „Универзитет во Тетово“ ја победи екипата на „Виктори Волеј“ од Струмица, во полуфиналето го совлада „Наковски Волеј“, исто така од Струмица и заслужено се пласира во големото финале. Но, среќата не беше на наша страна, не можевме да победиме во финалето, бидејќи во полуфиналето се повреди една од најдобрите одбојкарки, а нејзината повреда беше голем хендикеп за нас. Краткото време и оптоварениот шампионат не ни дадоа можност за подобрување и за подобро организирање. Овие девојки ја одбележаа историјата на клубот, бидејќи за првпат бевме дел од финалето. Тие го дадоа својот максимум. Иако цела сезона доминиравме, одржувајќи се на врвот на табелата, сепак, на крајот немавме среќа. Во спортот може да се очекуваат вакви пресврти, но овие девојки и понатака ќе бидат гордост на УТ. Им се заблагодарувам на сите што нè поддржаа за да можеме да го постигнеме овој резултат“ – рече менаџерката Лаурета Абази.
Одбојкарскиот клуб „Универзитет во Тетово“ втора година по ред учествува во Првата одбојкарска лига на Македонија, како и на Републичкиот куп на Македонија во одбојка за жени. Во сезоната 2017/2018 г. тие се прогласени за есенски шампионки и стигнаа до финалето на Купот на Македонија. Овој клуб, со своите големи постигнувања во краток временски рок, постигна историски успех во Федерацијата на одбојката. Од овој клуб изјавуваат дека следната година ќе се потрудат да станат сериозни кандидатки за триумф во домашната одбојка за жени.