Поради актуелната состојба со ширењето на КОВИД-19 ширум светот, во Европа и во С. Македонија, како и врз основа на Заклучоците на Владата од 15-та седница, на Универзитетот во Тетово  е прекинат наставниот процес, во наредните 14 дена, почнувајќи од 10.3.2020 г. (https://www.vlada.mk/node/20446)

Притоа, сите предавања и вежби за студентите на сите факултети при Универзитетот ќе бидат усогласени со одделните предметни програми и студентите ќе ги добијат потребните материјали и насоки во совладување на материјалот.

За 14-дневниот период студентите можат непречено да комуницираат со наставниците и соработниците на службените е-адреси.

Наставниците во текот на 14-дневниот период не одржуваат настава, а времето го користат за остварување на научноистражувачката дејност.

Родителите на деца до 10 години, што ќе бидат ослободени од обврската да одат во градинките или да ја следат наставата, ќе бидат ослободени од обврската да ги извршуваат работните обврски. Истото се однесува и за самохрани родители. Отсуството ќе се докажува со доставување потврда или уплатница за престој во градинка, копија од патна исправа или извод за возраста на детето или потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од свидетелство.

Родителите на децата кои не посетуваат детска градинка или не се вклучени институционално во воспитно-образовниот процес, не се ослободени од работа и извршување на работни активности.

На Универзитетот се одложени сите активности кои подразбираат помасовни собири и настани на отворен и затворен простор, културни и спортски манифестации.

Да се избегнуваат патувања во високо и средно ризични држави, а вработените или студентите кои биле и доаѓаат од високо и средно ризични држави, во согласност со листата на Светската здравствена организација (https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019), да извршат самоизолација, да не доаѓаат на работа и да побараат медицинска помош за тестирање.

Се утврдуваат следните категории на лица кои се ослободени од работа и работни активности врз основа на приложена потврда од матичен лекар за следниве состојби:

  • хронични респираторни заболувања;
  • тешки кардиоваскуларни заболувања;
  • дијабет – ТИП1;
  • малигни заболувања; и
  • имуно-компромитирачки состојби.

Студентите може да ги искористат услугите на стручно-административните служби за неодложни обврски лично во просториите на Универзитетот, или, пак, да се консултираат преку достапните е-адреси по одделните служби, наведени на веб-страницата на Универзитетот (https://unite.edu.mk/).

Како се пренесува КОВИД-19 и како да се заштитите?

Според препораките од Светската здравствена организација и на Министерството за здравство на С. Македонија (https://www.facebook.com/zdravstvomk/videos/618206872358964/), КОВИД-19 е заразна болест предизвикана од нов корона вирус, кој за прв пат е регистриран кај луѓето.

Се пренесува преку човечки контакт, главно преку ситни капки кои завршуваат во воздухот кога заразениот човек зборува, кашла или кива. Овие капки може да завршат во устата или носот на луѓето кои се во близина. Капките се тешки и не можат да поминат големо растојание во воздухот – приближно околу еден метар и за кратко време завршуваат на која било површина. Токму поради оваа причина, пренесувањето кај луѓето најчесто се случува кога станува збор за блиски контакти.

Сѐ уште не е познато колку вирусот може да преживее на тие површини.

Затоа, е потребно редовно да ги чистите површините, особено оние кои се во близина на луѓе  заразени со КОВИД-19. Со рацете се допираат многу површини кои можеби се контаминирани со вирусот.

Поради тоа, треба да се воздржите од допирање со очите, носот или устата, бидејќи со контаминирани раце од површините можете да си го пренесете вирусот на себеси.

Кога кашлате или кивате, покријте го носот или устата со внатрешната страна на лактот или употребувајте шамивче за една употреба. После употребата, шамивчето веднаш фрлете го во затворена копра за отпадоци.

Најефикасен начин за да се спречи ширењето на новиот корона вирус е често чистење на рацете со алкохолно средство за дезинфекција или миење на рацете со сапун и вода. Со оваа постапка ќе го отстраните  вирусот доколку е на вашите раце.

Грижете се за вашето здравје и за здравјето на другите и спречете го ширењето на вирусот КОВИД-19.

Симптомите на болеста предизвикана од корона вирусот се слични на грип, така што одговорност е на секој вработен кој ги има тие симптоми (покачена температура, кашлица, отежнато дишење) да се јави во здравствена установа и да побара медицинска помош за тестирање и да не доаѓа на работа, со најава на претпоставениот за состојбата и потврда од матичен лекар.

Вработените кои имаат  респираторни симптоми (кашлање или кивање) задолжително треба да носат медицинска маска.

Употребата на медицинските маски мора да биде правилна, односно оние за една употреба да се фрлаат со цел да се избегне ризик од пренесување на вирусот.

Одговорност е на секој вработен и на секој студент да ги следи и да ги почитува препораките на Светската здравствена организација и на Министерството за здравство при Владата на С. Македонија.

 

Универзитет во Тетово